Успешна француско-македонска вечер на ора и танци во Скопје
Скопје, 20 април 2026 — Фондацијата Бел Идеал, во соработка со Младинскиот културен центар – МКЦ, организираше успешна француско-македонска вечер на традиционални ора и танци во салата Фросина.
Настанот привлече бројна публика која уживаше во богата културно-уметничка програма, исполнета со традиционални танци и музика изведени од француски и македонски уметници.
Пред скопската публика настапи француската група „Amitiés et Danse“ од Sully-sur-Loire, составена од 11 танчери и предводена од претседателката и професорка по танц г-ѓа Ирина Леже–Горбачева (Irina Leger-Gorbatcheva). Групата изведе повеќе кореографии инспирирани од француската традиција и културно наследство.
Во програмата учествуваше и КУД „8 Октомври“ од Крива Паланка, со 20 играорци предводени од кореографите г. Аце Златановски и г. Александар Петровски, кои со своите енергични настапи ја воодушевија публиката и ја претставија убавината на македонскиот фолклор.
Вечерта помина во топла и пријателска атмосфера, потврдувајќи дека културата и танцот претставуваат силна врска меѓу народите и традициите.
„Особено сме среќни што овој француско-македонски проект беше претставен и пред публиката во Скопје. Ваквите културни средби придонесуваат за зближување, нови пријателства и промоција на традиционалните вредности“, изјави г-ѓа Јадранка Бојковска Бенрејдал, претседателка на Фондацијата Бел Идеал.
Фондацијата Бел Идеал упатува благодарност до сите партнери, уметници и посетители кои придонесоа оваа вечер да биде вистинска прослава на културната размена и пријателството меѓу Франција и Македонија.
