Летен камп на француски јазик 2023 во Кавадарци – Северна Македонија

 

Прекрасните спомени ќе останат засекогаш  врежани во сеќавањата на сите учесници на летниот франкофонски камп организиран од 20 до 25 јуни 2023 година во детското одморалиште „Михајлово“, на планината Кожув, кај Кавадарци. Кампот го сочинуваа основци и средношколци од Македонија, кои минатата година освоија од прво до трето место на државните натпревари по францускин јазик. За нив овој уникатен летен камп беше награда и можност да ги збогатат своите знаења за француската култура, но и да стекнат нови пријателства.

Кампот го организираше фондацијата „Бел Идеал“, со присуство на претседателката Јадранка Бојковска Бенрејдал, чија основна цел е да помогне во образованието на македонските деца кои учат француски јазик. Бидејќи ова е прв камп организиран од нејзината фондација, таа беше целосно вклучена во реализацијата, со цел сите вложени финансиски средства да послужат за подобрување на образованието на нашите ученици.

Награди за најдобрите

Деновите поминати на кампот беа исполнети со голем број активности. Учениците поделени во групи според нивото на познавање на францускиот јазик, реализираа разновидни проекти истовремено дружејќи се со други ученици-победници од цела Северна Македонија.

Учествуваа на разновидни работилници:  изработка на плакати и маски, пишување и рецитирање поезија, театарски изведби, франкофонско музичко караоке, проекции на француски филмови, запознавање со популарни француски игри како „петанк“, активности во природа, планински пикник итн. На крајот, имаа можност да презентираат се што научија и сработија за време на работилниците, а најдобрите го добија победничкиот пехар. Со цел подобро да се запознаат, сите учесници имаа можност да го претстават својот град и регион од каде потекнуваат. Учесниците на кампот поминаа еден ден во градот Кавадарци, каде го посетија музејот на вино, спомен костурницата на паднатите борци, спомен куќата на народниот херој Страшо Пинџур и споменикот на дванаесетте младинци од Ваташа, но имаа и можност да го видат Тиквешкото Езеро.

За прв пат во јануари 2022 година, фондацијата Бел Идеал започна активности во градот Кавадарци кога донираше книги за учениците и наставниците од ОУ „Тоде Хаџи Тефов“ со што ова училиште за првпат има литература на француски јазик.

Жаде Бенрејдал не го крие задоволството по успешното спроведување на кампот во Михајлово и посетата на францускиот амбасадор со делегацијата француски пратеници, како и позитивното искуство кое го стекна благодарение на соработката со Општина Кавадарци.

Таа изрази голема благодарност до учениците, професорите по француски јазик и волонтерски аниматори, но и до нејзините соработнички Анкица и Елена без кои овој прекрасен проект немаше да биде возможен. Нејзината желба е кампот повторно да се реализира следната година и пред се да се одржува секоја година.

  • FrançaisFrançais
  • македонски јазикмакедонски јазик